Викендов и официјално завршија истражните работи на бакарна руда во месноста Кадиица над Пехчево. Истражувањата траеја две години, а со експресната изработка на елаборатот се утврдени вкупните резерви на бакарна руда кои ја докажаа оправданоста од скорешно отворање нов рудник за бакар во Македонија, втор по рудникот „Бучим“ кај Радовиш. Истражувањата ги финансира рускиот инвеститор „Солвеј“ преку фирмата „Кадиица метал“, која ја формира за потребите на новиот стопански капацитет во Македонија. Локалитетот, по завршувањето на истражните работи, го посетија двајцата управители на фирмата, Николајчо Николов и Алексеј Страхуњин, кои се сретнаа со претставници на локалната власт. Сакавме и официјално да го информираме градоначалникот на Пехчево, Игор Поповски, дека истражните работи се завршени и дека на ова неразвиено подрачје наскоро ќе биде отворен новиот рудник за бакар. Утврдени се геолошки рудни резерви од 70 милиони тони бакарна руда со содржина на метал бакар во неа од 0,2 процента.
Викендов и официјално завршија истражните работи на бакарна руда во месноста Кадиица над Пехчево. Истражувањата траеја две години, а со експресната изработка на елаборатот се утврдени вкупните резерви на бакарна руда кои ја докажаа оправданоста од скорешно отворање нов рудник за бакар во Македонија, втор по рудникот „Бучим“ кај Радовиш.
Истражувањата ги финансира рускиот инвеститор „Солвеј“ преку фирмата „Кадиица метал“, која ја формира за потребите на новиот стопански капацитет во Македонија. Локалитетот, по завршувањето на истражните работи, го посетија двајцата управители на фирмата, Николајчо Николов и Алексеј Страхуњин, кои се сретнаа со претставници на локалната власт.
„Сакавме и официјално да го информираме градоначалникот на Пехчево, Игор Поповски, дека истражните работи се завршени и дека на ова неразвиено подрачје наскоро ќе биде отворен новиот рудник за бакар. Утврдени се геолошки рудни резерви од 70 милиони тони бакарна руда со содржина на метал бакар во неа од 0,2 процента. Со годишно производство од 4.500 тони бакар, рудникот ќе има животен век од најмалку триесет години“, информираше Николов.
Во истражните работи „Солвеј“ инвестираше над три милиони евра. Според Николов, во изградбата на фабриката за лужење, што е нова постапка на Балканот за добивање бакар, ќе бидат инвестирани 35 милиони евра. Новиот рудник ќе обезбедува работа за 135 лица од општината Пехчево, но ќе носи финансиски бенефити и за самата општина, која ќе добива пари од концесијата за експлоатација на рудата.
„Пехчево е мала, недоволно развиена општина во која една вака голема и значајна инвестиција доаѓа во вистинско време. Секогаш сме подготвени да ја дадеме сета потребна логистика како локална самоуправа. Фактот дека ќе се отворат 135 нови работни места за општина која има само 5.300 жители е работа од непроценливо значење, како и фактот дека општината ќе добива финансиски надомест што ќе придонесе и за реализација на многубројни инфраструктурни потреби“, вели градоначалникот Игор Поповски.
Според Страхуњин, планирано е новиот рудник да стартува кон средината на 2015 година.
„Идната година ќе ја градиме фабриката, а во меѓувреме од Министерството за економија очекуваме да ги добиеме концесијата и одобрението за експлоатација. Истражните работи ги завршивме предвреме, а во наш интерес е со експлоатацијата да започнеме побргу, бидејќи сега инвеститорот само троши финансиски средства“, рече Страхуњин.
Од посебна важност за Пехчево се и парите кои општината ќе ги добива како процент од експлоатацијата на бакарот. Според актуелните цени на овој метал на светската берза, вредноста на годишното производство на метал ќе изнесува 30 милиони долари, а малата општина Пехчево ќе инкасира над 500.000 евра во својот буџет.
Кога се говори за идниот рудник за бакар, во овој крај се поставува прашањето дали тој нема да ја загадува животната средина. Николов уште еднаш потврди дека „Кадиица метал“ нема да може да стартува без обезбедена А-интегрирана еколошка дозвола од Министерството за животна средина.
„Луѓето од овој крај мора да бидат информирани дека не постои ниту најмала можност за загадување на нивната животна средина. Ние водевме одговорни луѓе од локалната самоуправа на Пехчево во Русија каде што се уверија дека речиси во самиот град Екатеринбург работи многу поголем рудник на бакар со примена на системот на лужење и дека таму никогаш не дошло до инцидент во однос на животната средина. Нашиот инвеститор „Солвеј“ насекаде каде што вложува го прави тоа со највисок степен на општествена одговорност, а најдобар пример за тоа е „Бучим“, каде што пред две години, исто така, се отвори нов рудник што работи на принципот на лужење, а сите води под него денес се целосно заштитени и во нив се вратија некои автохтони видови риба“, порача Николов.
Во Пехчево со големо нетрпение се очекува стартот на рудникот, посебна надеж тој влева кај младите луѓе, кои во неможност да се вработат, секоја година по неколку месеци одат во странство и таму поработуваат обезбедувајќи си каков таков стандард. Николов и Страхуњин му подарија на градоначалникот Поповски мала статуетка на рудар, што е симбол со кој еден град се означува како нов рударски центар во Македонија.